На 04 февруари 2013, околу 13:30, од оџакот во гостинската соба во западното крило на гостинскиот конак избувна пожар, кој заради силниот ветер, брзо се рашири низ целиот манастирски комплекс, опфаќајќи ги северниот и западниот гостински и источниот монашки конак.
Благодарение на интервенцијата на хеликоптерските единици на АРМ и на противпожарната екипа на град Прилеп, беше спречено проширување на огнената стихија на црквата, старата трпезарија и магерницата.
На истиот ден, неколку часа по пожарот, изјави за немилиот настан дадоа:
Министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска:
„Ќе се изработи Акциски план за брза санација и реконструкција на опожарениот дел, како и проект за обнова на манастирот „Трескавец“, а преку надлежните институции веднаш ќе се пристапи кон брза санација и реконструкција на конаците.“
Градоначалникот на општина Прилеп, г-дин Марјан Ристески:
„Сега најважно е да се расчисти теренот. Ќе се ангажираат јавните претпријатија да се создадат услови за градба. Ќе помогнат граѓаните и јавните претпријатија и добронамерници, оти манастирот е душата на прилепчани. Ќе се направи проект и ќе се избери фирма за возобновување на овој бисер на Балканот.“
Епископот хераклејски г. Климент, в.д. старешина на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, Трескавец:
„Срцето на манастирот е спасено. Изгореа конаците, но се спаси црквата Успение на Пресвета Богородица. Тажна е сликата која денес дојде до очите на секој човек со добра волја. Трескавец изгледа на едно пеплосано тело, но, фала му на Бога, и на Мајката Божја што во сиот тој пепел живо е срцето, жива е црквата. Кога е жив храмот Божји и кога е жив народот Божји што го чини храмот, се надеваме дека од таа пепел ќе изникне манастирот како феникс и сето она што е градено со векови, а денес за неколку часа изгорено од пламените јазици, повторно ќе се изгради.“
лицето на отецот, говори повеќе од неговите зборови.
ReplyDeleteОчи што ја пеат Блажевата „Црква“:
ReplyDeleteИ по закони груби
цел еден живот се губи.
Мала напуштена цркво,
би те закрепил
да можев,
дури со двете рамења!
Но слаби се тие столбови
и не држат,
ами лево и десно
од самата моја снага
се ронат
твоите свети камења.