Патот до манастирот Трескавец од денеска е целосно асфалтиран во должина од преку 7,5 километри почнувајќи од Прилеп. Тоа значи дека изведувачот на градежните работи, „Гранит“ го реализираше проектот неколку дена порано од верскиот празник Св. Богородица, кога сите верници го слават патронот на манастирот и црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
„Патот е завршен, значи прославата на Пресвета Богородица може да почне. Иако условите беа тешки и беа предвидени 16 месеци, ние го завршивме за 5 месеци. Интензивно работеа 15 градежни машини, 10 работници и двајца техничари“, вели Гојко Јошески, раководител на проектот.
Оваа инвестиција вредна околу два милиони евра се реализира со пари од државниот буџет преку Министерството за транспорт и врски.
„Како што ветивме, сè е подготвено и на 28 август патот ќе биде пуштен во употреба“, изјави градоначалникот Марјан Ристески.
Пред манастирот ќе се гради и паркинг за 250 возила. Во тек се активностите за изградба на водовод, се работи уште на инсталациите во проектот за обнова на конаците, а во рамки на овие активности прв пат од постоењето на манастирот ќе се работи и посебен проект за обнова на црквата.
No comments:
Post a Comment