Пуштен патот до манастирот Трескавец


Во присуство на многу граѓани, верници и претставници на Владата, премиерот Никола Груевски, министрите Миле Јанакиески и Елизабета Канческа-Милевска, како и градоначалникот Марјан Ристески, вчера свечено го предадоа во употреба асфалтниот пат до манастирот Трескавец. Во должина од 7,5 километри, оваа владина инвестиција е вредна 1,5 милион евра, а за пет месеци ја реализираше „Гранит“.

„Во нашата програма беше зацртана изградбата на патот до манастирот Трескавец. Не беше лесно во време на економска криза да се обезбедат средства. Минатата година на овој ден, Успение на пресвета Богородица, беше поставен камен-темелник на патот, а денес ми претставува задоволство што сум присутен на пуштањето во употреба на овој пат, Владата инвестираше околу 1,5 милион евра“, изјави премиерот Груевски.


Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, изрази задоволство од навремената реализација на проектот.

„Можам гордо да кажам дека Трескавец е еден од најубавите манастири во Македонија, а од денеска има и пристапен пат до манастирот. На овој ден пред една година заедно со министерката за култура и отец Климент, со сите вас, бевме овде и ветивме дека за една година ќе се изгради овде пат до манастирот“, изјави министерот Миле Јанакиески.

Министерката Канческа-Милевска најави дека наскоро ќе започне и реализацијата на проектот за обнова на конаците. „Реализацијата на овој проект ќе му обезбеди долговечност на манастирот, на старата македонска архитектура, но и на нашата грижа за наследството кое ни го остави историјата. Владата и Министерството ги презедоа сите активности, во целост е изграден проектот за обнова на конаците. Ќе се реобнови автентичниот изглед на конаците, а предвидена е и изградба на параклис на југоисточната страна од манастирот. Верувам дека манастирскиот комплекс ќе биде место во кое наскоро граѓаните, верниците ќе го наоѓаат својот духовен мир и спокојство“, рече министерката Канческа-Милевска.

No comments:

Post a Comment