Духовен концерт „Страдањата Господови“


По повод големиот христијански празник Велигден, на 24 април, во Универзална сала во Скопје, во 20 часот, ќе се одржи духовен концерт „Страдањата Господови“, на кој ќе настапи и младиот поп-пејач Димитар Андоновски.

На концертот, кој е организиран од страна на свештениот Бигорски манастир и поддржан од Министерството за култура, ќе бидат изведени избрани карактеристични песнопенија од богослужбите на Страсната седмица. Стихирата од Велики понеделник: „Одејќи Господ на доброволни страдања“; тропарот од првите дена на Страдалната седмица: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ“; стихири од Велипеток и Велика сабота, меѓу кои и „Денес виси на дрво“; делови од трите Статии на оплакувањето Христово, меѓусебно проткаени со читања на трогателни стихири од Посниот триод, како и воскресниот тропар, се дел од содржината на концертот. Токму затоа овој музички настан е поставен непосредно пред почетокот на Страсната седмица.

Во изведбата на познатите мелодии, покрај Димитар Андоновски, ќе учествуваат и монахињата Касијана од манастирот во Рајчица, хорот на свештената Бигорска обител, како и специјален гостин од Грција, сите тие проследени со прекрасните созвучја на Македонската филхармонија. Водител, пак, на ова несекојдневно музичко доживување ќе биде познатиот актер Владо Јовановски. Автор на оркестрација на циклусот „Пасхално ехо“ е Живоин Глишиќ, а на циклусот „Господови страдања“, Владимир Димовски. Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посветува овој концерт на два многу значајни јубилеа од оваа година: 1.700 години од објавувањето на Миланскиот едикт, со што христијанската вера добива слобода, и 1.150 години од славната Моравска мисија на светите Браќа Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители.

Концертот има хуманитарен карактер, а собраните средства од билетите ќе послужат за возобновување на конаците во Бигорскиот манастир и во манастирот „Трескавец“.

No comments:

Post a Comment