Денеска се наврши една година од катастрофалниот пожар во манастирскиот комплекс „Успение на пресвета Богородица“ – Трескавец, кога во попладневните часови до темел изгореа манастирските конаци. Неговото обновување се очекува да започне ова лето. Моментално проектот за конаците се наоѓа на дообработка во Завод и музеј Прилеп, според препораките на Националниот концерваториски центар.
На денешната прес-конференција во локалната самоуправа беше соопштено дека комплексот ќе се гради фаза по фаза. Проектот за негова обнова се доработува, а изградбата ќе чини 77.432.000 денари, вели директорката на Прилепскиот завод и музеј, Гордана Данилоска-Спироска.
„Се доработуваат некои делови на проектот за што поавтентичен изглед на манастирските конаци. Станува збор за површина од 1.400 метри квадратни. Откако ќе се доработи, последниот збор го има Националниот конзерваторски центар од Скопје за потоа да се распише тендерот за изведувач. Според пресметките обновата ќе чини 77. 432.000 денари“, вели Данилоска-Спироска.
Се очекува работите за обнова на конаците да почнат со новата градежна сезона, a да завршат за околу две години.
No comments:
Post a Comment