Соопштение по повод годишнината од пожарот во манастирот Трескавец


Пожарот што минатата година се случи во манастирот Трескавец отвори големи предизвици, како за монашкото братство, така и за сите оние што ја делат грижата и љубовта за овој манастир.

Досега се преземени низа активности за нормализирање на животот во опожарениот манастир. Пред сè, што е од исклучителна важност за целиот манастирски комплекс, беше решена и целосно изградена патната инфраструктура со што се овозможија технички предуслови за обновата. Во оваа значајна фаза опфатени беа и активностите околу преуредувањето на делови од стариот магернички конак (незафатен од пожарот) со цел, во него да може да се одвива монашкиот живот.

Втората група на активности, раководени од Министерството за култура на РМ преку Заводот за заштита и музеј — Прилеп, ги опфати конзерваторските истражувања и изготвувањето на проект за непосредна заштита, конзервација и реконструкција на конаците од манастирот. Сите учесници задолжени околу изготвувањето на проектната документација и нејзината верификација го дадоа вистинскиот придонес, успевајќи да ги надминат проблемите и да ги усогласат градежно-конструктивните решенија.

Имајќи го предвид постигнатото, се надеваме дека во претстојниот период успешно ќе бидат завршени и процесот за јавна набавка и изборот на изведувач на проектот.

Полагајќи надеж во помошта и застапништвото на Мајката Божја, веруваме и очекуваме дека во текот на првата половина од годинава ќе се започне со реконструкција и обнова на опожарените конаци во манастирот.


во Трескавец, Братството на манастирот
03 февруари 2014 г. Успение на Пресвета Богородица — Трескавец

No comments:

Post a Comment