СЕ ВРАЌА СТАРИОТ СЈАЈ НА МАНАСТИРОТ
Локацијата за манастирот Трескавец е како фрлена котва во камените фигури на природата. Монасите го избирале местото безбедно поблиско до Бога пред пет-шест века оти орлите правеле гнезда до Златоврв кај Прилеп. Според преданијата, на Трескавец никогаш не паднал гром, иако пукаат ровји и молскавици. Владее уверување дека местото е вардено од Бога.
Од долу, од Песјобрдце, се гледа умешноста да се издели питомината во дивината. Манастирот, посветен на Пресвета Богородица, се препознава во височината дека е со години ѕидан камен по камен. По асфалтот почнува кривулестиот пат до духовното светилиште, кое во февруари огнот го проголта и исчезна светската красота, потврдена и од УНЕСKО. Но, луѓето тажат и градат. Со грутка во срцата го посетуваат омилениот храм со пот по стените по два и полчасовно пешачење. Дури и пеплосано влече светилиштето создадено од дамнина. Секој посетител е полн со верба дека ќе се врати стариот сјај.
Булдожери и други градежни машини израмниле дел од трасата на патот, долг девет километри. Се насочуваат водите на друмот. Пред тампонирањето се поставуваат цевки. Машините подготвиле два-три километри. Стасале до подножјето на планината. Претстои најтешкиот дел – угорнините. Се очекува по асфалт да се оди за славата, за празникот Пресвета Богородица на 28 август.
НОВИ ВРАТИ И ПРОЗОРЦИ
Машината не стенка од товарот, туку крцка од длабоките јазови што ги минуваат тркалата.
Сашо Стојчески, сопственик на градежната фирма „Виком“, се бори со воланот да не му избега возилото кон бездната. Го одржува камионот по патеката, иако скока по дупките. Бразди од едно метро создале пороите. Kал се насобрала од околните лески. Не потклекнува возилото. И модерните џипови се мачат да ги совладаат меката почва и угорниците, на места повеќе од 75 степени. Некои современи теренци папсуваат и се враќаат со уништени ламели, амортизери, спојки...
Се шегува возачот дека ќе ги извади камчињата од бубрезите од тресењето по дупките, додека камионот се искачува со брзина од неколку километри на час. Стојчески по два-трипати дневно се качува носејќи градежни материјали. Еснафот на градежниците собрал пари и материјали за да оспособи за пристоен живот две-три соби, бања и трпезарија од неизгорениот дел на манастирот.
– Не прашуваат колегите. Чекаат да товарат песок, цемент, лепило, плочки, вар, водоводни материјали, струја, бојлер, греалка, врати, прозорци... Велат, ако треба, уште ќе дадеме ако се заборавило нешто. Различни мајстори пренесувам да работат без пари секој ден - објаснува Стојчески скокајќи од седиштето во камионот, кој го навасува змијулестиот пат, ако може така да се нарече патеката што би им создала голема мака и на маски и на магариња по лизгавите карпи низ лепливата кал и порозниот песок.
Стојчески додава дека до Цветници со сите мајстори си дале завет дека ќе го адаптираат просторот за монахот и за мајсторите за претстојната реконструкција.
Товарот овој пат беа нови врати и прозорци за замена на старите во просторот до камбанаријата. Пред манастирската порта монахот Kалист нè пречекува со добредојде.
– Kако минавте – прашува
– За неполн час се качивме. Силна италијанска машина, небаре јазовец – кажува возачот.
Излегува волонтерот Дејан. Со монахот Kалист имаа гостин од Иразел, кој готви посна вечера со еврејски зачини.
Калист ја акцентира силната поврзаност на прилепчани со манастирот. Луѓето со отворено срце секаде ги отвораат вратите.
– Огромна е љубовта на прилепчани кон Трескавец. Нема ден некој да не дојде, а за викенди е масовно. Сите нудат помош тргнувајќи од обичните потреби сè до различни износи на пари, поголеми и помали – вели Kалист.
Пожарот не влијаел врз посетеноста. Пак се тука луѓето што доаѓаат редовно.
– Не се забележува некакво отсуство. Доаѓаат посетители да го видат она што го гледаат по медиумите. Ја констатираат жалноста, се вџашуваат од глетката на оголените и исчадени ѕидови. Видлива е болката оти се емотивно поврзани. Се јавуваат и туристи од други земји. Пуштаат имејлови. Се организираат, собираат и испраќаат средства. Има приливи на пари од странство. Се најавуваат акции на сонародниците. Во Австралија ќе се организира манифестација, а и во Англија. Префрлија средства иселениците од Америка. Има донации од Швајцарија. Нема држава со Македонци каде што не се одржала и ќе се одржува некаква донаторска манифестација. За полесна комуникација отворивме интернет-страница. Таа е: www.treskavec.blogspot.com – кажува Kалист.
НА СТО СТРАНЦИ ЕДЕН НАШ ТУРИСТ
Тој тврди дека освен прилепчани, странците се најчести посетители како пред огнената стихија.
– На сто странци доаѓа еден македонски турист исклучувајќи ги прилепчани, кои се како домашни оти манастирот го чувствуваат како сопствен дом – вели Kалист.
На патување за запознавање со христијанството, со православието, со монашкиот живот, 27-годишниот Израелец Перах Мидбар од Ерусалим летоска го открил Трескавец.
– По летните пријатни мигови посака да дојде пак напролет. Најави дека доаѓа, а кога му кажав дека манастирот изгоре и дека нема услови, тој не се двоумеше и еве веќе десетина дена е тука да помага – вели Kалист, кој кажува дека постојано престојуваат две-три момиња како волонтери.
Додека низ неколку квадратниот цветен парк на манастирскиот двор очите ги плакнат цутовите на зумбулите и на другите цвеќиња, низ чистата калдрма ја затвораме вратата на манастирот заедно со мајсторот кој речиси го заврши обложувањето на бањата со плочки.
Надолу Трајкоски кажува дека се качувал до Трескавец за едно заборавено водоводно колено за инсталацијата. И не жали додека раскажува за мајсторот што сакал пешки да си оди оти му изгледало како да ја гледа Пелагонија од авион додека камионот се спуштал надолу низ стрмината.
СЕ СПРЕМААТ ЗА СВЕТА БОГОРОДИЦА
Kалист вели дека прилепските еснафи се организирани да ја приспособат единствената неизградена зграда од конаците.
– Главниот проект за обнова на конаците го прави Музејот. Ќе се подготви и тендерска документација. Реконструкцијата е условена од градбата на патот, кој веќе е во напредна фаза. Ако даде Господ, за празникот Света Богородица ќе се оди по асфалт. Паралелно се проектира водоснабдување оти манастирот располагаше само со десет кубни метри вода, и тоа секои три дена. Речиси е неможно без доволно вода да се обноват конаците. Се предвидува поголем резервоар, а водата ќе доаѓа од чешмата од манастирскиот расадник. Тоа е ново решение за комплетно да ги задоволи потребите – објаснува монахот.
Љупчо Мургоски – „Дневник“ 06 05 2013
No comments:
Post a Comment