ИСТОРИЈА

фото© џеф вонг

Велат Трескавец го одзема здивот двапати. Првиот пат сигурно ќе останете без здив, без разлика дали речиси два часа се искачувате по стрмната планинарска патека или сте влегле во авантура, со теренско возило да дојдете до манастирот. Вториот пат, кога веќе ќе се искачите до манастирот, ќе ве остави без здив погледот кој широко ќе се отвори пред вас. Издигнат на врвот среде Пелагонија, манастирот Трескавец е вертикала во духовниот континуитет на еден народ, која во себе крие многу параграфи од историјата што човечкото присуство ја испишувало врз секоја карпа низ вековите. Златоврв како со венец е овенчен со манастирските ѕидини посветени на Успение на Пресвета Богородица, од кои како на дланка може да се согледа немерливоста на хоризонтот на духовното спокојство но и на предизвикот да се оствари разговор со Бога. Марко Цепенков, умнонародниот забележувач од овој крај, ги запишува овие стихови во кои се опева благодарноста на Богородица кон светителите што го изградиле манастирот: „Ој вие светци Божји угодници елимите вие истеравте, од нивната црква нерисјанска, вие мене црква напраивте, и манастир ми ја нарековте“.

фото© гоце ефтимов, © сашо н. алушевски [горе десно]

Остатоците од крепоста околу манастирот, некрополата на Гумење, гробовите вклесани во карпа, трагите од објекти на целото плато околу Златоврв, сполиите вградени во западниот ѕид од црквата, како и оние расфрлани насекаде наоколу, го сведочат постоењето на незнабожечки храм посветен на Аполон и Артемида, како и населбата Колобаиса, која тука, под Златоврв, опстојувала повеќе од осумстотини години. Првиот христијански храм на ова култно место е датиран околу 5–6 век. Најголемиот дел од денес видливата архитектура на црквата потекнува најмалку од крајот на 12 и почетокот на 13 век. Трпезаријата со својата впечатлива камена трпеза како и магерницата се објекти изградени во 14 век. Двокрилната врата поставена на западниот влез во нартексот на црквата, изработена во 16 век претставува врвен дострел на македонското средновековно резбарство и припаѓа на познатата прилепско–слепчанска копаничарска школа. Кон крајот на 16 век забележана е обемна препишувачка дејност, а во периодот на 18 и 19 век во манастирот се споменува постоење на келијно училиште. Фрескоживописот на црквата припаѓа на различни периоди. Започнувајќи со најстариот живопис од 14 век, па преку 15, 16, сè до 19 век, кога е зографисана слепата калота во нартексот. Фреската на ромејските василевси Андроник ΙΙ Палеолог (1282–1328) и Михаил ΙΧ (1294–1320), над влезната капија на манастирот укажува на нивното патронство над манастирот.

фото© зрзеските монаси [горе лево], © владо кипријановски [долу лево, средина], © гоце ефтимов [десно]

Речиси сите балкански средновековни владетели и великодостојници имале големо уважување кон манастирот. Српскиот цар Стефан Душан (1331–55), при посетата на манастирот забележува дека „не толку со зданието и внатрешното уредување туку со законот и типикот на светите отци кои во него живеат е преукрасен и препрославен. Животот на монасите не заостанува зад оние на Синајската гора или Светата Гора Атонска“. Цепенков бележи: „Во манастирот Трескавец имат ферман султански со раката на пророк Муавмеда за ништо данок да не му се земат и никој Турчин да не го гибат. И за вистина, нашите Турци сет за повалување на честа што му чинат на нашиов манастир [. . .] на чивлизите манастирски“.

фото© гоце ефтимов

Уште многу приказни, преданија, легенди и историски факти остануваат нераскажани, но тоа е Трескавец. Толку многу зборови испишани, а толку малку кажано. Би можеле да зборуваме и за звукот на тишината, за питомината на овие сурови карпи, би пишувале и за широчината на непрегледноста или можеби за достижноста на височината, за одгатнување на мистичната криптографија на секоја стапка од оваа планина. Можеме да зборуваме и за онтолошката потреба за соединување на тварта со Творецот. Но, сепак, секој што ќе се искачи на Златоврв и што ќе ги допре манастирските ѕидови самиот ќе ги наслушне молитвите на илјадниците монаси, кои низ вековите се подвизувале во манастирот и во околните пештери и испосници, ќе ја почувствува Божјата благодат, која овде се излева во изобилие, и во манастирската тишина, ќе разбере за мозаикот наречен Трескавец, станувајќи лично камче од него.

фото© гоце ефтимов

1 comment:

Agata said...

Трескавец го одзема здивот, како пејзаж, како допир со небото, но, едновремено, вдахнува, го полни нашето понекогаш ослабено срце од грижите на секојдневието со свежината на духовниот пејзаж, на она кое стамено, и вака ранет, го чува со векови. трескавец е нашиот дом, нашето небо, нашиот крвоток, нашето срце - нашиот витален орган без кој тешко би можеле да сфатиме кои сме и каков пат треба да се измине за да се откриеме во целост преку согледувањето на Другиот...

Post a Comment